Комеморативно сеќавање на холокаустот. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше обраќање на комеморативното одбележување по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот. Ова е ден на кој се сеќаваме и им оддаваме почит на преку шест милиони невини деца, жени и мажи, вклучувајќи ги 7.144 македонски Евреи, кои своите животи го загубија во Аушвиц – Биркенау, Треблинка и другите логори на смртта.
„Наша цивилизациска обврска е да се бориме, постојано и бескомпромисно, претворајќи го сеќавањето во акција, против релативизација на злото, искривоколчувањето на историјата, негирањето на фактите и вистината за холокаустот. Да кажеме гласно и јасно НЕ! – за антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и другите облици на нетолеранција“, истакна Османи.
Зборувајќи за важноста на холокаустот како една трагедија што не смее да се заборави, ниту пак да биде овој ден единствениот кога треба да се занимаваме со холокаустот, Османи нагласи:
„Сите ние треба и заеднички и индивидуално да работиме на ширење на универзалните вредности, зајакнување на социјалната кохезија, инвестирање во образованието и младите, на развивање и подигнување на свеста за вредноста на постоењето и почитувањето на сите различности во едно плуралистичко општество“, рече Османи на Комеморативно сеќавање на холокаустот.
На комеморативното одбележување кое што се одржа во форма на онлине настан, свои обраќања имаа и претседателот на Собранието на Еврејската заедница во РС Македонија, г-ѓа Радојка Хелман- Денковска, амбасадорот на Сојузна Република Германија, г-ѓа Анке Холштајн, нерезидентниот амбасадор на државата Израел, г-дин Дан Оријан, како и Фахри Хисени, координаторот на регионалниот проект на Куќата на Ана Франк од Амстердам “Историја-лекции за сегашноста” од Младински образовен форум од Скопје.
Инаку, Османи периодов оствари повеќе средби со негови колеги, шефови на дипломатии.