Кинеските вакцини ќе пристигнат на 28 април, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот за здравство најави дека на 28 април во земјата ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини додавајќи дека потврдата ја добил утрово од кинеската амбасада во земјата.
„Оставаме простор од неколку дена во случај да има некакви поместувања, со оглед на тоа што се случуваше досега“, изјави Филипче.
Тој додаде дека на 19 и 26 април ќе пристигнат и по 10 илјади вакцини од компанијата „Фајзер“. Станува збор за вакцини што се добиени со директен договор на земјава со компанијата. Преку механизмот „Ковакс“ 76.000 дози на „Астра зенека“ би требало да стигнат до крајот на месецот. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.
Филипче истакна дека се планира масовна вакцинација и во повеќе градови, освен во Скопје.
„Во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и во Тетово, кои ќе ги покријат и околните градови. Денес имам состанок со градоначалниците и со директорите на здравствените домови за да видиме во кои објекти тоа ќе се спроведува и како ќе се организира медицинскиот персонал“, рече Филипче.
Министерот додаде дека изминативе неколку денови паѓа бројката на новозаболени и на хоспитализирани и денес се очекува да биде околу 890 нови позитивни на коронавирус.
извор: Макфакс