• Fri. Nov 22nd, 2024

Карневализацијата и смеата како суштина

(едукативен текст за настанувањето и смислата на карневалот како свеченост)

Важи ли кај нас традиционалната италијанска изрека: „A carnevale ogni scherzo vale“ – Се е можно за време на карневалот, или со текот на времето заборавивме што е суштината на носење маски, па низ улиците одиме покриени со ткаенини чија суштина е загубена некаде низ зашиените шевови? На било кое тврдење да сме приклонети, се чини дека како почитувачи и следбеници на традицијата го заборавивме нејзиното настанување. Па да се потсетиме како настанале карневалите.

Во етимологијата на збороот карневал е италијанскиот збор carne – месо и levare – оттргнува. Ако ја разгледаме оваа на прв поглед нејасна фраза, и се потрудиме да најдеме некакво логично значење, доаѓаме до изразот „збогум месо“, што е далеку посмислен. да се оттргне сопствената кожа и да се облече туѓа е всушност клучната порака на поимот карневал и воопшто на карневализацијата како општествена, психолошка, но и книжевна појава. Има овде нешто подбивно и грандиозно смело, во исто време свечено и примитивно несовладливо, смешно и крајно сериозно. Всушност, ако подобро размислиме, нема многу појави кои трпат толку многу противречности и антитези.

Еден од нјапознатите книжевни критичари и теоретичари од дваесетиот век, Бахтин, зборува токму за терминот карневализација. Потестува на римските сатурналии, како прв облик на она што подоцна ќе се нарече превртување на хиерархијата, или превртување на сликата на стварноста.

Карневалот во своето основно значење претставува вид на церемонија на која вистинските лица и форми не ја носат главната порака, туку таа улога ја преземаат маските. Новонастанатото, изобличено лице, можеме да го сфатиме како одамна пробудената желба кај човекот за метаморфоза, односно негирање на идентитетот.

Смеата како дел од карневалот

Ако го издвоиме клучниот збор што го опишува карневалот, мислам дека тоа е смеата. Смеата и сите нејзини појавувања. Затоа што има моќ на снижува и материјализира, да создава гротеска, да ги спојува оние што учествуваат во карневалските поворки, да ги заведува оние кои набљудуваат со желба да ги препознаат преоблечените, маскираните.

А, кој би се одрекол од смеата на која се помалку и се препуштаме? Во настанувањето на карневалот и во неговото траење, несомнено е содржана и основната функција – ослободување на човековиот дух од враменото секојдневие. Затоа, нема да погрешиме ако како Бахтин, карневалот го споредиме со животот и животната игра, давајќи му натој начин апсолутна моќ над суровата вистина, острите закони и суровата реалност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *