Граѓаните од Југоистокот се револтирани од високите цени во маркетите. Сметаат дека продуктите добиле нереално високи цени и дека народот се осиромашува за сметка на големите профити на големите трговски синџири.
Затоа граѓаните се организираат во групи на социјалните мрежи и ги нудат производите коишто ги имаат со цел нивните сограѓани да добијат квалитетни, свежи и пристапни производи. Вакви објави има речиси во сите градови, а последната акција е организирана во Дојран. Млеко, месо, јајца, зеленчук се само дел од палетата производи што ги нудат најразлични домаќинства од сопствено производство.
„Почитувани, би сакале да Ве информираме дека и ние ја поддржуваме иницијативата со домашните производи и ќе им излеземе во пресрет и ќе им помогнеме на производителите, но и ќе си помогнеме и ние купувачите, со тоа што ќе добиеме реални цени, за разлика од НЕРЕАЛНИТЕ ЦЕНИ на компаниите во маркетите.
Секој што има домашни производи од поднебјето на општина Дојран, нека не контактира во порака. Ние ќе ги објавиме вашите домашни производи, а ваше е да ни доставите во порака контакт број каде што ќе можат да ве контактираат купувачите, фотографија од производот и цена,“ се вели во една од објавите.