• Thu. Nov 21st, 2024

Jубилеј: 45 години изучување на македонскиот јазик на московскиот универзитет „Ломоносов“

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со свечен настан го одбележа значајниот јубилеј 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката.

„Овде и денес се присутни дел од луѓето – лектори, некогашни и сегашни, предавачи и професори, коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет ‘М. В. Ломоносов’, пред сè како кадри што излегоа од Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’. Секако не смееме да ги заборавиме оние без кои ова немаше да се случи, а тоа се пред сè, академик Рина Павловна-Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.

Овде и денес се присутни луѓето кои покажуваат дека мостот помеѓу двата универзитета, меѓу „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, меѓу Скопје и Москва, меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес. Овде и денес се присутни луѓето кои се гаранција дека оваа врска ќе функцонира уште долго и дека ќе поврзува нови и нови генерации македонисти и слависти од двете земји“ – истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во своето поздравно обраќање со коешто ја отвори свеченоста.

За руската научна мисла нема дилеми околу македонскиот јазик

Н. Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во РС Македонија го повтори ставот дека за руската научна мисла не постои никаква дилема околу постоењето, односно автентичноста и посебноста на македонскиот јазик како рамноправен јазик во големото семејство на (јужнословенски јазици. И тој како и Н. Е. Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадор на РС Македонија во Руската Федерација, изрази големо задоволство од ова одбележување. Имено, во рамките на овој јубилеј – 45 години од изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на „Ломоносов“, како дел од големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески, се случува и најновата генерација студенти, идни македонисти, и тоа десетта по ред.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *