• Sat. Nov 23rd, 2024

Јавен повик за ко-финансирани грантови

Јавен повик за ко-финансирани грантови. Вкупно 6 милиони евра, се ставаат на располагање преку првиот јавен повик за ко-финансирани грантови. Парите се наменети за микро, малите и средни компании за технолошки развој и за забрзан економски раст. Ова го соопштија на денешната прес конференција вицепремиерот, Фатмир Битиќи и директорот на ФИТР, Коста Петров.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека изминатите неколку години, Фондот за иновации и технолошки развој, стана вистински поддржувач за сите компнаии.

Во моментот во реализација се проекти на над 550 компании со инвестиции во вкупна вредност од 77 милиони евра. За 2021 година, ФИТР предвидува 11 повици, за повеќе финансиски инструменти, во вкупна вредност од 17 милиони евра.

„Продолжуваме со поддршка на домашните микро, мали и средни компании. Овој јавен повик следи по јавниот повик на ФИТР за поддршка на компаниите за брзо прилагодување од Ковид 19. Тоа беше дел од третиот пакет на антикризни мерки.  Она што сакам да го потенцирам е дека трговските друштва и приватните здравствени установи, треба да обезбедат 30 проценти од средствата. ова доколку се во микро и мали компании. Доколку се во средни фирми треба да обезбедат 40 проценти од средствата. Останатото ќе се обезбеди преку Фондот, што сметам дека е навистина голема поддршка“, нагласи Битиќи.

Битиќи: Во фокусот на Владата во 2021 година е креирање на новата развојна економија

Вицепремиерот нагласи дека во фокусот на Владата во 2021 година е креирање на новата развојна економија. Овој јавен повик е само дел од целокупните економски активности.

„Во претходната 2020 година, реализиравме рекордни 65 милиони евра, директна финансиска поддршка за 850 компании.   Во Буџетот за оваа година имаме проектирано 70 милијарди денари или 1,1 милијарди евра за економски програми. Тука се подразбираат и директна поддршка на инвестициски проекти на компании. Потоа поддршка на технолошкиот развој, дигитализација, иновации, проширување на производствените процеси. Целиме кон повисока продуктивност, обука на вработените, претриемништво. Но и индиректна поддршка за бизнисот во унапредување на регулативата, намалување на давачки, како и средства за реализација на капитални инвестиции во инфраструктурни проекти “, подвлече вицепремиерот Битиќи.

Петров: Од вкупниот буџет малите претпријатија може да аплицираат за 2,5 милиони денари

Директорот на ФИТР, Коста Петров, истакна дека од предвидениот вкупен буџет за овој повик, микро компаниите може да аплицираат за поддршка до 2,5 милиони денари. Малите до 5 милиони денари, односно до 70% од вкупната вредност на буџетот за инвестицискиот проекти. Средните компании пак, може да добијат поддршка до 10 милиони денари или до 60% од вредноста на проектот. Како подобни трошоци ќе се сметаат бруто платите за вработените лица. Потоа трошоци за техничка поддршка, истражување, развој, дигитализација, набавка и изнајмување на опрема, софтвер, ИКТ алатки или суровини, но и за трошоци поврзани со спроведување на планот за технолошки развој на компанијата

„Целта на овој јавен повик е да се поддржат домашните компании, за да создадат услови за надминување на последиците на кризата,. Истовремено да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари. Но и да ја зајакнат и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, дигитални и „зелени“ технологии, за нивна трансформација. Драго ми е што сите пристигнати апликации ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции. Тој е сочинет од пет светски познати експерти. При евалуацијата на проектите приоритетно ќе се разгледува нивното влијание врз економскиот развој (45поени). По што следува технолошкиот напредок и дигитализацијата (35 поени). А квалитетот на проектот и капацитетот на проектниот тим ќе бидат оценувани со по 10 поени од вкупната оценка“, потенцираше Петров.

Лиао: Македонија да се позиционира како регионален хаб за иновации

Претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции, Марвин Лиао, кој е поранешен комерцијален директор во Yahoo, во своето вклучување на прес конференцијата го истакна своето задоволство да биде дел од овој Комитет.

„Свесен сум за растечкиот потенцијал на македонскиот приватен сектор и заедно со другите членови на Комитетот, со нетрпение очекувам да дознаам повеќе за македонскиот екосистем и да помогнам Северна Македонија да се позиционира како регионален хаб за иновации. Од мое лично искуство, и од едниот и од другиот корпоративен сектор како комерцијален директор на Yahoo! и стартап секторот, знам дека овој вид јавни повици се клучни во развојот на иновативната економија, особено во ерата на КОВИД-19 кога бизнисите треба да се прилагодат побрзо од кога било“, посочи претседателот на Комитетот за одобрување инвестиции Лиао.

Јавниот повик за ко-финансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и за забрзан економски раст ќе се спроведе исклучиво со електронско аплицирање, што е големо олеснување за компаниите, а компаниите ќе може да се пријават со своите бизнис планови до 6 април, 2021 година.

Инаку, Битиќи и Петров уште во декември најавија дека ќе вложат напори за Македонија да стане регионален старт ап центар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *