Изгласан законот за попис. По 19 години, во април ќе се одржи попис на населението во земјата. Собрането денеска со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“ го усвои законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи пролетва.
Владејачката коалиција предводена од СДСМ доби поддршка за законот од Алијансата за Албанците и од Алтернативата, а против законот беше ВМРО-ДПМНЕ. Партијата најави дека ќе бара негово поништување и почна со собирање потписи од граѓаните за поништување на законот.
Изгласан законот за попис, но, пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Во оваа сложена статистичка операција ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население. За разлика од претходните, овој попис ќе има неколку новини. Главната новина е што ќе се спроведува со т.н. комбиниран метод. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице в лице, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци. Меѓутоа, пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење ИТ-технологија и според стандардите на Евростат.