• Thu. Nov 21st, 2024

Ивермектинот спорен за лекување на ковид-19

Од денес на сајтот на Министерството за здравство се објавени препораки за лекување пациенти заразени со Ковид-19. Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски објасни дека на четириесетина страници дадени се најновите препораки за лекување. Тие се пред сè наменети за лекарите кои ќе можат од едно место да црпат релевантни податоци за лекувањето на пациентите.

„Целта е да не се доведуваме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана. Тука во прв ред мислам на ивермектин. Прашање и денес е дали овој лек е присутен во некоја препорака или не е. Во овие препораки нема научни докази дека тој помага во лекување на Ковид-19. Ова се сеопфатни материјали направени според  последните сознанија. Почнуваат со класифицирање на стадиумот на болеста и за секоја посебна категорија. За секоја посебна фаза на болеста има соодветни препораки, исто како и за тестирање и за лекување и за тоа кога е момент да се хоспитализира пациент. Која терапија да ја добие. Препораките се однесуваат и на асимптоматски пациенти и на овие со лесна клиничка слика и со средно тешка и хоспитализирани со тешка и критична клиничка слика“. Вака објасни претседателот на Комисијата, Петличковски.

Се работи за препораки, не за протоколи. За да станат протоколи Петличковски рече дека треба да поминат одредена процедура во уште неколку комисии. Препораките не се обврзувачки.

Од денес се достапни не само на лекарите туку и на сите заинтересирани. На забелешката дека сега пациентите ќе можат да почнат сами да се лекуваат и да споредуваат дали добиле соодветна терапија па дури да побараат одговорност доколку не ја добиле пропишаната терапија во препораките, Петличковски одговори дека намената првенствено им е за лекарите.

Објасни дека препораките се направени врз основа на научните сознанија. И оваа верзија, која била четврта или петта верзија на препораките кои се користеле во минатото, ќе трпи промени. Ќе се менува со менувањето на научните сознанија. Одлучиле препораките да ги објават на сајтот на Министерството за здравство оти препоракити имало и претходно, но проблеми имало со нивната дистрибуција. Со објавата, сигурни се дека ќе стигнат до сите лекари и дека ќе придонесат за поусогласен пристап до пациентите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *