• Fri. Nov 22nd, 2024

Исплатени околу еден милион и шестотини илјади евра субвенции за органско производство

Осумстотини правни и физички лица денеска добија пари за субвенции за мерката Органско производство. Станува збор за пари за субвенции за ланската година во зинос од околу еден милион и шестотини илјади евра.

Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои пријавиле сертифицирано растително и органско  производство и производство преод согласно Законот за органско земјоделско производство или, пак, имаат земјоделски површини кои се наменети за зелено ѓубрење или угар во плодоред кој е во функција на органското производство, информираа од агенцијата.

Појаснуваат дека корисници на оваа мерка се и откупувачи и трговци запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи кои имаат произведено преработки од примарни земјоделски органски производи или производи во преод од домашно потекло или имаат извршено доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло и истите ги имаат продадено или, пак, вршат трговија или извоз на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло.

Колку изнесуваат плаќањата за оваа мерка?

Плаќањата за растителното и сточарското органско производство и производство во преод се дополнителна поддршка од 30% до 100% на основните директни плаќања по пријавена површина и пријавени грла. Директните плаќања за површини наменети за зелено ѓубрење или угар во плодоред се во висина од 3500 денари / хектар.

Инаку, директните плаќања за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно потекло се во висина од 10% од вредноста на произведените и продадените производи со максимален износ до 150.000 денари по оператор. Директните плаќања за трговија или извоз на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло се во висина од 5% од вредноста на продадени/извезени производи со максимален износ до 150.000 по оператор.

Директните плаќања за стручна контрола и сертификација ги покриваат трошоците за добиен сертификат издаден од овластено лице во висина од 50%

Понатаму, директните плаќања анализа на својства на почва и производ кај земјоделски стопанства кои имаат извршени агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди и тешки метали и други материи на почва и во органски производи ги покриваат трошоците за анализите во висина од 70%, но не повеќе од 9.000 денари без ДДВ.

За добивање на финансиската поддршката корисниците имаат обврска да достават договори со овластени акредитирани тела за вршење на стручна контрола во органското производство. Исто така фотокопии од сертификат за извршена стручна контрола од страна на овластеното акредитирано тело, финансиски документи за продадени производи на домашен пазар или царинска декларација за извоз, платени фактури за стручна контрола и сертификација, како и извештаи од лаборатории за извршените анализи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *