Истражувачките центри, универзитетите, бизнис-заедницата и граѓанските организации во следниот седумгодишен период преку програмата „Хоризонт Европа“ можат да влезат во големото европско истражувачко семејство.
Република Северна Македонија го продолжува учеството во оваа европска програма за истражување и развој со статус на асоцијативна земја членка.
„Навистина треба да ни е чест што сме дел од програмата ‘Хоризонт Европа’, не само поради можноста да искористиме финансиски средства, туку затоа што добиваме можност да учиме од многу развиени земји коишто вложуваат во наука и ги гледаат бенефитите од таквите инвестиции“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на првиот работен состанок и промоција на националната мрежа за поддршка.