Меѓународниот ден на Ромите е прилика за славење на ромската култура, но и повод да се осврнеме на фактичката состојба во која се наоѓа оваа заедница, односно на причините кои оневозможуваат вистинска социјална интеграција на ромската заедница во општеството, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според Комитетот, вкоренетиот расизам е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и таа се согледува и во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина.
„Токму расната дискриминација е клучниот проблем поради кој, децении наназад, сите посебни политики и мерки наменети за оваа заедница остануваат половични, недоволни и неефективни во пракса“, се наведува во извештајот.