• Fri. Nov 22nd, 2024

Грковска: Транспарентноста е процес кој постојано мора да се унапредува и надградува

Транспарентноста не е еднаш засекогаш дефинирана категорија, туку тоа е процес кој постојано мора да се унапредува и да се надградува и затоа меѓународната и регионалната соработка и размена на искуства се од исклучително значење, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната меѓународна конференција на темата „Заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“, што се одржа во Струга, во организација на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, поддржана од Советот на Европа.

На Конференцијата присуствуваат претставници од независните тела за слободен пристап до информации од јавен карактер од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Словенија.

„Транспарентноста и ефикасноста на институциите, нивната професионалност, ефикасност и одговорност се клучните столбови во моето работење. За таа цел, морам да истакнам, дека со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер имаме одлична соработка и верувам дека таа во наредниот период ќе биде и унапредена. Заедно со Агенцијата и со Центарот за управување со промени работиме на Насоките за значајно зголемување на транспарентноста на институциите, буквално отворање на институциите. Нашата цел сега е да ги селектираме најбараните информации по категории и да ги задолжиме институциите да ги објавуваат редовно, без да има потреба граѓаните да поднесуваат за тоа барање и да го чекаат законскиот рок од 20 дена“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа додаде дека оваа мерка е само преоден чекор кон крајната цел што треба да ја постигнеме, а тоа е создавање на законски услови за целосно отворање на институциите, односно сите информации да бидат достапни за јавноста освен оние што имаат карактер на класифицирани информации.

„Изминатиот период преземавме уште една мерка која е во насока на унапредување на транспарентноста, особено во делот на трошењето на буџетските пари. Во согласност со Партнерството за отворена власт, обезбедивме поголема транспарентност и отчетност во трошењето на буџетските средства. Со владина одлука ги задолживме институциите не само преку Електронскиот систем за јавни набавки, туку и на своите веб – страници да објавуваат информации за спроведените јавни набавки. На овој начин граѓаните имаат брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за тоа како институциите ги трошат јавните пари“, додаде Грковска.

Преку оваа мерка се овозможува зголемена контрола од страна на граѓаните, граѓанскиот сектор и медиумите врз јавните институции.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *