Градежниот инженер Ана Тодорова од Струмица прими „Инженерски прстен“ од Пендаровски. Младата Тодорова која во моментов живее и работи во Скопје, дипломирала на Градежниот факултет во Скопје со просек 9.98. Таа во моментов со странски инжинери работи на брана Отиња.
Ана за канал ВИС изјави дека е среќна што го доби ова највисоко признание за нејзиното досегашно образование и дека градежништвото е голем предизвик за неа.
„Признанието е навистина големо, а извонредноста на настанот ја доживувам кога ќе ја погледнам гордоста на моите родители. Но како и да е, Инженерскиот прстен е вреднување за постигнатиот успех во досегашното студирање, но и поттик за понатамошни академски и професионални подвизи“.
Претседателот Пендаровски им ги врачи признанијата и им поска да продолжат да ја градат иднината на својата земја. „Честитки за 12-те најуспешни дипломирани инженери што годинава го добија признанието „Инженерски прстен“. Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на инженерскиот прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе суштински придонесуваат за македонската економија, а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани“.