• Sat. Nov 23rd, 2024

Гевгелија ќе го уредува пазарот во Миравци

Советот на Општина Гевгелија, на 25. седница, донесе Одлука за сопствено учество на Општина Гевгелија во реализација на проектот: „Поставување монтажна урбана опрема во функција на пазар во н.м. Миравци, општина Гевгелија“. Имено, Општина Гевгелија со овој проект аплицира на Јавниот повик на Министерството за локална самоуправа за финансирање на предлог-проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2023 година по одделни мерки и активности за рамномерен регионален развој.

Со проектот се предвидува поставување мобилна урбана опрема, поставување монтажна настрешница и монтажни тоалети од јавен карактер, како и еден тоалет за лица со посебни потреби. Средствата за сопствено учество во висина од 780.600 денари за реализација на овој проект ќе бидат наменети од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година.


            Исто така, Советот на Општина Гевгелија донесе и Одлука за сопствено учество на Општина Гевгелија во реализација на проектот: „Техничка документација за нови регионални проекти“. Станува збор за подготовка на техничка документација за адаптација и пренамена на спортската сала во наставни простории и доградба на нова спортска сала во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Со реализацијата на овој проект би се обезбедило решавање на проблемот со двосменското работење поради зголемениот број на ученици и недостигот од просторен капацитет.

Овој проект ќе се спроведува преку Југоисточен Плански Регион, по претходно одобрување од страна на Бирото за регионален развој, согласно Програмата за рамномерен регионален развој во 2023 со индикативно планирани средства за 2024 година и Јавниот повик за прибирање на предлог-проекти за развој на планските региони за 2023 година. Имено, Општина Гевгелија со овој проект се квалификува во резервната листа на предлог-проекти на форумските сесии кои се реализираа преку ЈИПР. Сопственото учество на Општина Гевгелија ќе изнесува 682.834 денари од Буџетот за 2024 година, а вкупната вредност на проектот изнесува 3.414.172 денари.