• Fri. Nov 22nd, 2024

Гевгелија има туристичка веб страница

Веб страница со туристичките потенцијали на градот и околината, интерактивна мапа за подобра ориентација, но и база со информации за сместувачки капациети во градот и блиската околина.

Веб страницата е дел од кампањата за утврдување и афирмација на туристичкиот идентитет на општината, како основа за поголема искористеност на туристичките потенцијали и поврзаност на туристичките чинители. На презентацијата, беа промовирани резултатите од првата фаза од креирањето на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија. На утврдувањето на туристичкиот идентитет, во кој учествуваа туристичките чинители во Гевгелија, му претходеа целосно истражување, неколку креативни сесии, а беше изготвена и SWOT анализа. Целиот процес беше заокружен со изборот на слганот GEVGELIJA – SPICE UP THE JOURNEY, односно „Зачини го патешествието“, како заштитен знак на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија.

Што содржи веб страницата


            „АВАНТУРИ ВО ПРИРОДА“ е првиот потенцијал, кој има за цел да ги промовира природните богатства, пред се, нашиот прекрасен Кожуф и сите речни текови, преку планинарење, планински велосипедизам, параглајдерство, лов, риболов и други активности во природа, кои според истражувањето, досега се недоволно промовирани и искористени. Вториот потенцијал „ЗАБАВА И ВОЗБУДА“ има за цел да го промовира казинотуризмот во Гевгелија, но и сите други активности за забава и возбуда, како кафулиња, дискотеки, настани и културни манифестации.

„СЕНЗАЦИОНАЛНИ ВКУСОВИ” ги собра сите вкусови и мириси како значаен туристички потенцијал, традиционалната и богата кујна, што ја нудат локалните ресторани, кои се надалеку познати, па, дури и во Балкански рамки и локалните винарии и дестилерии, кои нудат квалитетни вина, ракија и мастика од гевгелиското виногорје. Бројноста пак на стоматолошките ординации, термалните наоѓалишта и веќе постојните спа-центри во хотелите ја сочинуваат „ЗДРАВЈЕ И УБАВИНА“, како туристички потенцијал во подем.

Последната област – „ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ПОТЕКЛОТО“ се заснова на вредните археолошки локалитети на територијата на општина Гевгелија, прекрасните села и стари цркви, но и културните знаменитости. Нивната афирмација и внесување во туристичката мапа на Општина Гевгелија се од посебен интерес за туристите.