Гевгелија го обновува јавното осветлување. Во општина Гевгелија, во тек е акција за фарбање на 12-метарските столбови на канделабрите, на булеварот „Гевгелија“. Исто така, во сите населени места се врши и сервисирање на јавното осветлување. Паралелно со оваа акција, започнува и замената на дотраените ламби со штедливи лед-арматури. Предвидено е на булеварот „Гевгелија“ да бидат променети постоечките 250 ватни натриумови арматури со нови лед 100 ватни арматури, со што ќе се постигне подобро осветлување и ќе се оствари поголема заштеда. Сервисирањето го врши фирмата „Пеливанов“ од Фурка која на годинешното електронско јавно наддавање даде најповолна понуда.
Гевгелија го обновува јавното осветлување со сопствени пари. За функцонирање на јавното осветлување од Буџетот на Општина Гевгелија се обезбедени 15.200.000 денари. Согласно Програмата за одржување на јавното осветлување во општина Гевгелија за 2021 година, одржувањето на уличното јавно осветлување се врши континуирано, а ангажираната фирма ќе интервенира и врз основа на пријавените дефекти од страна на граѓаните. Покрај ова, континуирано ќе биде вршена и замена на постојните и дотраени натриумови ватни светилки со штедливите светилки.
Јавно осветлување во Дојран
Дојран бара други, трајни решенија. Општина Дојран јавното осветлување ќе го решава со јавно приватно партнерство.
Дојран стана една од 10 општини во државата која доби средства од Европската банка за обнова и развој. Парите се за изработка на физибилите студија за јавното осветлување. Тие изработија студија за Еско моделот на осветлување, што е еден вид јавно приватно партнерство. Тоа значи дека со замената на сите светилки коишто ги имаме ќе добиеме осветлување какво што заслужуваме, рече градоначалникот Ангов.