• Sat. Nov 23rd, 2024

Гевгеличанецот Зоран Попов нов амбасадор на Македонија во САД

Неколку нови амбасадори на Македонија се пред заминување на новите функции во странство откако ги поминаа сите филтри .

Меѓу амбасадорските места кои се пополнуваат е и тоа во Вашингтон, САД. Таму нов амбасадор ќе биде Зоран Попов. Тој ги бранеше тезите денеска пред Комисијата за надворешна политика зад затворени врати бидејќи материјалите по таа точка се со назнака строго доверливо и беа присутни само пратеници со безбедносни сертификати.

Агреманот за Попов од Вашингтон беше добиен пред околу еден месец и тој заминува во амбасадорската мисија од функцијата државен секретар во Министерството за надворешни работи (МНР).

Со неговото заминување во САД, ќе се пополни едно од најважните амбасадорски места за нашата дипломатија кое беше празно веќе четири и пол години. Последен македонски амбасадор во Вашингтон беше Васко Наумовски во периодот од 2014 до 2018 година.

Зоран Попов е роден во Гевгелија .Основно образование завршува во ООУ ” Владо Кантарџиев”,додека средно во СОУ “Јосиф Јосифовски”во својот роден град.

Магистер е по меѓународни односи на Универзитетот Вестминстер во Лондон.

Зоран Попов е професионален дипломат од 1998 година. Најголем дел од дипломатската кариера ја поминува во Директоратот за Европска Унија, постепено напредувајќи од помлад соработник до помошник раководител на сектор за политички односи со Европската Унија. Активно учествува во подготовката на клучните документи поврзани со процесот на евро-интеграција, како и визната либерализација со Европската Унија.

Во периодот од 2003 до 2007 година е упатен на мандат во Мисијата при Европската Унија во Брисел. Од септември 2016 до октомври 2019 година работи како виш политички советник во Советот за Регионална Соработка со седиште во Сараево, задолжен за активности поврзани со унапредување на политичката соработка меѓу земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, поддршка на Евро-атлантската интеграција на земјите од Западен Балкан и политичка поддршка на имплементацијата на Повеќегодишниот Акциски План за регионална економска интеграција.

Има посетувано повеќе обуки за евро-интеграција и процес на преговори, раководни државни службеници и за правда и внатрешни работи, а во периодот од октомври 2000 до март 2001 е практикант во Европската комисија во Брисел.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *