На 28-ми јуни, вторник, во 20 часот, на Струмичкото корзо, ќе биде поставена фотографската изложба на нашиот сограѓанин Марјан Ѕингаров —„Птиците во Градскиот парк“.
-Оваа прекрасна серија фотографии е правена во Градскиот парк во Струмица во подолг временски период, и на неа се претставени портрети на суштества од еден сосема различен свет кој постои паралелно со нашиот. Фотографиите на Марјан Sингаров ќе нè воведат во свет кој најчесто не го забележуваме, повлечени во виорот на секојдневните грижи и обврски. Низ окото на својот фотоапарат, авторот на изложбата го оживува естетскиот миг среде обичноста на просторот и времето, но едновремено тој прави и едно многу важно научно документирање на видовите птици кои живеат или се само на поминување низ нашата средина во еден краток временски пресек. Оваа фотографска серија покрај визуалното уживање, нуди и сериозна едукативна содржина која е толку важна и неопходна за сите нас кои ја сакаме и почитуваме природата околу нашиот град, се вели во информацијата од организаторот на изложбата здружението Кадро.