Министерот за здравство Венко Филипче вели дека почнува подготовката за начинот на функционирање на државата за време на есенските месеци, особено во делот на работата на училиштата и на градинките.
Во тек се и размислувања за воведување одредени рестрикции, како на пример, само луѓе со вакцинален сертификат да можат да посетуваат одредени поголеми настани во затворен простор.
„Размислуваме како ќе можеме да функционираме во есенските месеци. Првичните анализи покажуваат дека прилично висок процент на здравствените работници се веќе вакцинирани, некаде над 85 проценти, ги чекаме бројките и за вработените во училиштата и во градинките, за да можат од есен да почнат да работат нормално“, изјави Филипче.
Тој вели дека кампањата за масовна вакцинација масовно тече, но дека ниту една држава не може да наметне вакцинацијата против коронавирусот да биде задолжителна.