Комисијата во вторник треба да го финализира новиот, шести пакет санкции против Русија поради нападот врз Украина, кој ќе вклучува забрана за купување руска нафта бидејќи извозот на нафта е еден од главните извори на приходи на Русија.
Унгарија, која е силно зависна од руската нафта, постојано повторува дека нема да се согласи со санкции за енергетскиот сектор. Словачка исто така е една од земјите-членки на ЕУ најзависни од руските фосилни горива. Според тоа, комисијата би можела да им понуди на Словачка и Унгарија „изземање или долг преоден период“, рече еден официјален претставник.
Нафтеното ембарго, сепак, веројатно ќе биде наметнато постепено и најверојатно нема целосно да стапи во сила до почетокот на следната година, изјавија официјални лица. Пакетот ќе биде претставен пред амбасадорите на земјите-членки на ЕУ в среда.