Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид, доколку се усвои актуелниот предлог текст на новиот Кривичен законик, а ќе се казни со доживотен или најмалку десет години затвор.
Во делот на еколошкиот криминал, како што појаснуваат за МИА од Министерството за правда освен тоа што се воведуваат некои целосно нови членови се врши и допрецизирање на некои постоечки, а во насока на усогласување со европското законодавство.
Загадувањето на воздухот, водата и почвата сега во пракса добива конкретни и мерливи вредности над кои тоа станува кривично дело, па така со членот 289, со кој се доуредува стариот член 218, досегашното „во поголем обем” и „надмине дозволената граница” се конкретизира со „во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот” за што се предвидува казна затвор од една до три години. Доколку загадувањето е „во петкратно поголемо количество” и казната се зголемување на од една до пет години.