• Fri. Nov 22nd, 2024

Египќаните бесни на „Нетфликс“: Клеопатра не била црнкиња

Не престануваат реакциите на новата документарна серија „Африкански кралици: кралицата Клеопатра“ (African Queens: Queen Cleopatra), која се емитува на стриминг-платформата „Нетфликс“ и, откако црнкињата Клеопатра ги разбесни твитерџиите, сега работите стануваат посериозни.

Адвокат поднесе тужба против „Нетфликс“ за кршење на законот за медиуми и обид да го избрише египетскиот идентитет, а најпознатиот египетски археолог упорно тврди дека Клеопатра имала бледа кожа, а не црна.

И продуцентите на документарната драма велат дека потеклото на египетската кралица е неодредено.

Владеењето на Клеопатра

Клеопатра е родена во Александрија во 69. година пред нашата ера и била последната кралица од династијата основана од Птоломеј, генералот на Александар Македонски. Птоломејската династија зборувала на грчки јазик. На тронот го наследи својот татко Птоломеј Дванаесетти во 51. година пред нашата ера и владееше до својата смрт дваесет години подоцна. Потоа, Египет потпадна под римска доминација. Идентитетот на мајката на Клеопатра не е познат, а историчарите сметаат дека е можно таа да била домородна Египќанка или од некој дел на Африка.

Египетската владетелка во серијата на „Нетфликс“ ја глуми Британката Адел Џејмс, која е од мешана раса и африканско потекло. Продуцентите велат дека тоа е одраз на вековната дебата за расата на Клеопатра.

Џејда Пинкет Смит, американска актерка која е наратор и продуцент на оваа драма, рече: „Не гледаме или слушаме често приказни за црни кралици и, лично мене, на ќерка ми и на нашата заедница ни е многу важно да се знае за таквите приказни“. Ваквиот став наиде на осуда во Египет. Захи Хавас, истакнат египтолог и поранешен министер за антиквитети, тврди дека тоа е измислица.

„Тоа е целосна лага. Клеопатра била Грчка, што значи бела. Нетфликс се обидува да предизвика конфузија со ширење лаги дека потеклото на египетската цивилизација е црно,“ рече тој. Адвокатот Махмуд ал Семари побара од државниот обвинител да преземе неопходни правни мерки и да го блокира пристапот до услугите на „Нетфликс“ во Египет. Стримерот е обвинет за промовирање афроцентризам и бришење на египетскиот идентитет. Актерката Адел Џејмс на „Твитер“ кусо им одговори: „Ако не ви се допаѓа поделбата на улогите, не гледајте.“