• Fri. Nov 22nd, 2024

Eдинаесет години од смртта на Киро Глигоров

Денеска се навршуваат 11 години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров.

Киро Глигоров бил активист на македонското студентско и комунистичко движење, македонски и југословенски економист, политичар и државник, прв претседател на самостојна и независна Република Македонија.

Во февруари 1990 година се вклучил во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма. Глигоров активно учествувал во работата на овој форум на кој се разгледувала ситуацијата во Југословенската Федерација и можностите за разврската со осамостојување на Социјалистичка Република Македонија.

Глигоров имал активна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање. Така тој бил автор на прашањето поставено на референдумот одржан на 8 септември 1991 година: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

По донесувањето на Уставот, сите активности за меѓународното признавање на Македонија ги презел претседателот Киро Глигоров.

Заслугите за Македонија

При приемот на Република Македонија во членство во Обединетите Нации, под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, го одржал првиот говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации на 7 април 1993 година.

Глигоров за своето успешно, конструктивно водење и регулирањето на меѓународните односи на македонската држава бил добитник на бројни меѓународни награди и признанија.

По истекот на вториот претседателски мандат, го отстапил претседателското место на новоизбраниот кандидат Борис Трајковски.

Киро Глигоров бил најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога завршил неговиот втор претседателски мандат, тој имал 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележала Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Глигоров починал во длабока старост — 94 години, на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.

Денеска, делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од премиерот Димитар Ковачевски, Јована Тренчевска, министерката за труд и социјална политика и Беким Реџепи, заменик министерот за транспорт и врски, на градските гробишта Бутел ќе положат цвеќе на вечното почивалиште на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Киро Глигоров.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *