Актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, ќе се кандидира за уште еден мандат на локалните избори на 17 октомври, објави Артан Груби од ДУИ. Според него, Мерко е добар градоначалник и е убеден дека тој повторно ќе победи.
„Рамиз Мерко е добар градоначалник и за Македонците, и за Албанците, и за Турците и за Ромите. Тој ќе биде новиот кандидат за уште еден мандат за Струга за локалните избори на 17 октомври. Убедени сме дека Рамиз Мерко ќе победи и дека ќе продолжи успешното менаџирање со општината“, рече Груби.
Тој вели дека Мерко го заслужил мандатот со работа.
„Нема булевар, нема улица каде што не се работи, се инвестира многу во Струга и сметам дека апсолутното мнозинство стружани ќе го поддржат Рамиз Мерко, и тоа не само Албанците туку и Македонците и другите заедници“, рече Груби.
Во врска со кривичните пријави против Мерко, Груби вели дека тие не значат дека Мерко е виновен.
„Пријави има против премиер, против други политичари. Не значи дека е виновна личноста, туку, напротив, ние сме јавни личности и сме на тапет“, рече Груби.