Eвропска недела на имунизација.
Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 24 до 30 април, е поволен момент да размислиме за важноста на вакцинацијата, како еден од темелите на функционален јавно здравствен систем. Годинава, Европската недела на имунизација ги истакнува историските постигнувања на вакцинацијата, вклучувајќи го и напредокот кон глобалната ерадикација на полиото и регионалната елиминација на малите сипаници и рубеолата, како и потенцијалите за уште поголеми достигнувања, како на пример ставањето под контрола на Хепатит Б и елиминацијата на ракот на грлото на матката, соопшти Министерството за здравство.
-Нема сомневање дека имунизацијата придонесува за здраво население. Додека работевме на заштита на нашето население од КОВИД-19, опфатот со редовните вакцини падна под оптималното ниво. Нашата тенденција е да го постигнеме препорачаниот опфат од 95 проценти, за таа цел во соработка со здравствените домови почнуваме со засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација. Треба да се искористи секоја можност за вакцинирање на децата и возрасните, согласно Календарот за редовна имунизација, истакнува министерот за здравство Беким Сали.