Двајца млади пациенти на дијализа ќе добијат бубрези од починат донор. Семејството на починатиот пациент вчера попладне даде согласност за да ги донира органите, информираат од Министерството за здравство.
Дополнително, во наредните денови ќе следуваат трансплантации на коскени ткива кај пацинети кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија.
Националниот координатор, д-р Маја Мојсова Мијовска, болничките координатори, заедно со екипите од Клиниката за неврохирургија, КАРИЛ, Рендген иститутот, Клиниката за трансфузиологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за кардиологија и хируршките клиники за урологија и ортопедија, викендов успешно ја прават третата по ред трансплантација од почетокот на годинава.
Од Министерството за здравство упатија благодарност и сочувство.
„Благодарност до семејството на пациентката, особено до нејзината млада храбра ќерка чија храброст, хуманост и добрина ни донесоа ден полн надеж и живот за најмалку двајца пациенти. Уште еднаш големо сочувство за нивната загуба и благодарност за нивната хуманост“, велат од Министерството за здравство.