Двајца алпинисти загинаа денеска околу пладне чистејќи високо недостапни силоси во рудникот Бучим во Радовиш. Починатите биле подизведувачи ангажирани за оваа работа од Алпинистички клуб ПЛОЧА од Радовиш. Од рудникот Бучим ја потврдија трагичната несреќа. Велат дека нивниот медицински персонал им укажал прва помош и веднаш биле испратени кон Здравствен дом Радовиш и клиничката болница Штип каде е потврдена смртта. Увидна екипа од ОВР Радовиш и јавен обвинител е на терен и ги утврдува причините за несреќата. Велат дека повеќе информации ќе можат да соопштат дури по завршувањето на увидот.
Од Бучим велат дека во чистењето биле ангажирани три лица. Ова не било првпат да се ангажира овој алпинистички клуб за чистење на силосите. Со договор за подизведувачи со години соработувале со нив. Чекаат истражните органи да соопштат како дошло до оваа трагедија во која загинаа алпинистите.