• Fri. Nov 22nd, 2024

Дончевска и Витанова: Кога се работи со љубов има резултати

Наставничките Невенка Дончевска и Наташа Тумановска – Витанова организираа хуманитарен базар за Велигден. Првичната идеја на двете наставнички од основното училиште „Никола вапцаров“ од Струмица била да организираат работилница за нивните ученици и родителите. Но, креативните наставнички и вредните родители се догвориле дека можат да направат и многу повеќе: украси за цел базар.

Па така, почнала да се формира идејата за организирање поголем настан од хуманитарен карактер со цел да се соберат средства со кои ќе се развесели Велигден на семејствата што не можат сами да ја подготват празничната трпеза. За наставничките важно е децата да научат дека среќата е поголема кога е споделена, и дека нема вистинска среќа ако не подадеме рака на помалку среќните. Велат, учењето на хуманите вредности, на едноставност и пријателство, им е приоритет. А, децата пак, не само што ги прифаќаат нивните совети, туку веднаш сакаат да се вклучат во активности со кои ќе направат некое добро дело.

Вредните раце на второодделенците на наставничката Наташа и третоодделенците на наставничката Невенка направија многу украси со велигденска тематика, а посетителите и намерниците во Центарот за култура „Антон панов“ си купуваа од насмеаните продавачи. НАставничките се задоволни од продажбата, велат: Кога се работи со љубов, секогаш има резултати. Средствата ги донираа во „Елуса Фондација“, бидејќи волонтерите на фондацијата веќе подготвуваа хуманитарни пакети за семејства во социјален ризик од Струмичката епархија.