• Fri. Nov 22nd, 2024

Донаторски концерт за изградба на Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

Утре, вторник, 6 септември 2022 година во 20 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица целовечерен концерт ќе има пијанистката Даница Стојанова.

Цената на билетот е 150 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за изградба на Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.

Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица’ во Струмица се гради од 2012 година. На 15 април 2012 г., на празникот на Воскресението Христово, Митрополитот Струмички г. Наум изврши осветување на камен-темелникот на новата соборна црква во Струмица.

Храмот е проектиран  според правилата и каноните на православната архитектура, согласно нашата вера, литургиски потреби и светоотечко градителско Предание. Влезот на црквата ќе биде поставен на западната страна, а олтарот на источната. Црквата ќе има и два споредни влеза од нејзината јужна и северна страна. Храмот ќе има фасада изработена од природни материјали, камен со тули од глина. Камбанаријата ќе биде поставена на југо-источната страна и истата покрај основната функција ќе има и простор (видиковец) за разгледување на градот и неговата околина. Црквата заедно со крстот ќе биде висока 53 метри, а камбанаријата ќе биде висока 60 метри. Во целиот амбиент ќе се вклучи и веќе постоечката црква на светите Григориј Палама и великомаченик Димитриј, а целиот околен простор ќе биде партерно уреден со урбана опрема, клупи, фонтани и светилки, како и со тревнати и други хортикултурни површини.

Соборниот храм на Успение на Пресвета Богородица во Струмица започна да се гради со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот струмички г. Наум. Инвеститор е Струмичка Епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со финансиска помош на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *