Познатиот гевгелиски интернист, доктор Патрик Мат избран за претседател на советот на Гевгелија. Ова го објави гевгелиската локална телевизија Нова.
На денешната седница на Советот на Општина Гевгелија, членот на Советот на Општина Гевгелија Сашко Стојиловски, во име на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кандидат за претседател на Советот на Општината го предложи д-р Патрик Мат. По јавно гласање, 11 членови на Советот го подржаа предлогот и д-р Патрик Мат, лекар специјалист по интерна медицина, беше избран за претседател на Советот на Општина Гевгелија.
Новоизбраниот претседател се заблагодари на довербата и изрази надеж дека заеднички и со добра соработка и залагање на сите советници, Советот на Општината ќе придонесе за интересите на граѓаните. Доктор Мат медицината ја засакал од дете, преку татко му. Затоа не е чудно што ја избрал оваа професија. Љубовта кон биологијата го поттикнала да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје, што го завршува во 1995 година. Една година работел во одделението за хемодијализа во Општата болница во Гевгелија, каде неговиот татко, Ромео Мат е раководител, потоа една година во диабет центарот, па во Итната медицинска помош, и две години е матичен лекар во Богданци. Во моментот работи во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, каде покрај амбулантските интернистички прегледи, заедно со помладиот свој колега доктор Блажо Чочков, раководат со модуларната Ковид болница.