• Fri. Nov 22nd, 2024

Дојрански казина издаваат лажни негативни тестови тврдат грчки медиуми

Државниот здравствен и санитарен инспекторат нема добиено пријава за издавање на лажни негативни тестови во дојранските казина. До овој момент таква претставка нема пристигнато во Инспекторатот вели директорката Бухова. Таа потенцира дека можат да направат вонреден инспекциски надзор и по допрен глас, да ја утврдат затекнатата состојба, но, би требало да знаат за кој објект станува збор.

Засега истрагата е во рацете на полицијата. Но, и до МВР немало пријава за издавање лажни сертификати. Оттаму информираат дека ќе ја проверат информацијата што ја објави грчката телевизија Опен, каде тврдат дека во казината коишто се наоѓаат на граничниот премин Дојран-Дојрани се издаваат лажни негативни тестови на Ковид-19.

Според објавената сторија, ова било откриено кога во еден ден од 45 патници на кои им бил направен брз тест, девет биле позитивни на ковид-19, а сите со себе носеле негативен тест. Телевизијата неведува дека некои од казината негативниот тест го давале на клиентите без да направат никакво тестирање.

Извори за Телма велат дека овој случај можат да го проверат граничните полиции на двете земји со размена на податоците за лицата што биле позитивни при тестирањето на граничниот премин.  Од нивните тестови треба да се провери која здравствена установа ги издала и дали се заверени во лабораторија.

Дојранскиот градоначалник  ги повика институциите да го испитат случајот, бидејќи ваквите наводи му штетат на угледот на Дојран.

Во Дојран има четири казина, но во моментов работат само две. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *