Наградени се 15 наставници од основните и средните училишта во општината, по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа „Кирил и Методиј“.
Општина Струмица оваа награда ја воведува годинава за првпат со цел дополнително да се мотивираат просветните работници за нивната посветеност на професијата. Целта е предлозите за наградите да доаѓаат од самите училишта затоа што секој просветен колектив најдобро ги познава своите членови и најмотивираните меѓу нив.
На вечерашната свеченост во Центарот за култура „Антон Панов“, градоначалникот Костадин Костадинов рече дека образованието е образот на нашето општество, на тоа кои сме ние и какви генерации воспитуваме, и затоа сите треба да се вложиме тој образ да биде угледен и чист.