• Fri. Nov 22nd, 2024

Денеска е Бадник, ден пред Христовото раѓање

Бадник или Коледе — денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година. Божиќ e на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *