Јавниот обвинител донесе решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за време додека трае дисциплинската постапка поведена против него поради основано сомнение дека сторил тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.
При вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука, при што кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење.
Од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.5.2021 година, ова е петта поведена дисциплинска постапка за јавен обвинител.