Дигиталната писменост кај земјоделците не е на завидно ниво. Ова се увидува од бројни показатели а еден од нив е електронското аплицирање. Минатата година само 10.000 земјоделци електронски аплицирале за субвенции. Според статистичките податоци, во земјава има околу 170.000 земјоделски стопанства.
Дигиталната писменост кај земјоделците е проблем со кој се повеќе се соочува македонскиот аграр. Ова ги спречува и да бидат конкурентни при електронски апликации за најразлични проекти, грантови и слично што би можело во голема мера да им помогне за модернизација и конкурентност во производството.
Во струмичко, има се помалку земјоделци на нивите и се повеќе необработени ниви. Драстично се зголемува процентот на напуштени замјоделски површини. Граѓаните не гледаат иднина во земјоделието. Неорганизираниот и незагарантиран откуп, ситихијното производство ги разочарува струмичките фармери. Претставници на земјоделските здруженија велат дека старее земјоделското население. мал е бројот на земјоделци под 50 години. Остануваат само возрасните да се занимаваат со оваа дејност. А се знае, колкава е работоспособната моќ на возрасните. Соочени со овој факт институциите се обидуваат да ги мотивираат младите да се занимаваат со земјоделство.
Министерството за земјоделство за ова година ја зголеми поддршката за млад земјоделец. Критериумите се да бидат до 40 години. Средствата што се дават се зголемени од 10 на 20 илјади евра. Јавниот повик беше на почетокот на годинава. Услов за користење на финансиската поддршка за потикнување на земјоделското производство е корисниците да бидат запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Пандемијата предизвик за аграрот и дигиталната писменост кај земјоделците
Годинава дополнителен проблем создаде и пандемијата. Таа го потенцираше значењето на земјоделството. Кога целиот свет застана, производството на храна мораше да продолжи. Земјоделството е комплексен сектор, кој нема застој. Постојано се движи, постојано се менува. Ги допира сите човечки животи. Ова е така зашто од овие политики зависи производството на храна.
Земјоделското производство значи живот, благосостојба, обновување на природните циклуси. Но значи и економија, сигурност и развој. Пандемијата влијаеше на овој сектор, а први беа погодени производителите на грозје и вино.