Над 15.000 вработени во зоните, постигнати договори за инвестиции од над 240 милиони евра, како и договорена најголемата инвестиција досега од основањето на ТИРЗ од 126 милиони евра на германски „Гересхајмер“ се клучните достигнувања и ефекти од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од 2022 година.
„Првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1.000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите што ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање над 2.700 работни места во следните години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во зоните досега. Германската фармацевтска компанија ‘Гересхајмер’ ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии одделни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова Северна Македонија влегува на мапата на земји што имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции, од кои има директен бенефит за граѓаните и државата“, изјави денеска Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.