Денеска на глобално ниво се одбележува 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените, и на неа е одлучено да се прославува Меѓународниот ден на жената, но без да биде утврден датумот. Борбата за правото на глас за жените, борбата против закана од војна, борбата за грижа за мајките и децата и борбата против пораст на цените биле едни од барањата истакнати на оваа конференција.
Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените се јавува на почетокот на 20 век. На неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Сепак, најголеми заслуги за тоа имаат Роза Луксембург и Клара Цеткин.
Првиот ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД. Одбележувањето е по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Претходно, во 1908 година, 15.000 жени барајќи право на глас, скратено работно време и подобра плата, марширале низ улиците на Њујорк под мотото „Леб и рози“. Лебот бил симбол на економска сигурност, а розите биле симбол на подобриот живот.
Прогласување на Осми март за Ден на жената
Следната година, на 19 март 1911, овој празник за првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. Во Русија по иницијатива на Александра Колонтај 8 март за првпат е прогласен за државен празник.
Во 1977 година, Генералното собрание на ОН усвојува предлог со кој 8 март се прогласува за Меѓународен ден за правата на жените и меѓународниот мир.
Еден од позначајните документи што се однесуваат на правата на жената е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Оваа Конвенција е позната и како „Женски закон“.
Таа го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација.
„Човековите права на жените и девојчињата се неотуѓив, составен и неразделив дел од универзалните човекови права. Еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво и искоренувањето на сите форми на дискриминација врз основа на пол се приоритетни цели на меѓународната заедница“, се посочува и во Виенската декларација и во Програмата за акција во врска со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.