На свети Јован Крстител црквата му посвети неколку празници, и тоа не случајно. Овој светител беше наречен најголем меѓу родените од жена, со што е потврдено неговото посебно место во човечката историја.
Тој, заедно со пресветата Дева која ни го роди Бога е врската на стариот и новиот свет, врската на Стариот и Новиот завет.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.
Иванден е еден од големите христијански празници, од летниот циклус, каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов и ден кога цвеќето има магична моќ, па затоа жените берат цвеќе што се вика Иваново цвеќе, од кое плетат венци и ги закачуваат на вратата за да ги штити од несреќа. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата.