Советот на Општина Радовиш на вчерашната вонредна седница донесе одлука денешниот ден да се прогласи за ден на жалост заради трагично загинатите двајца алпинисти, Зоран Мајсторски (45) и Драган Станишков (20) членови на Алпинистичкиот клуб „Плоча” од Радовиш.
Тие ги загубија животите вчера напладне при чистење на силоси во рудникот „Бучим” кај Радовиш.
Погребот на посмртните останки на двајцата алпинисти ќе се изврши денеска на гробиштата во Радовиш.
Инаку, синоќа Јавното обвинителство излезе со соопштение во кое меѓу другото се наведува дека според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча”, на возраст од 20 и 45 години, биле ангажирани со договор меѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.