Книгите на писателите треба поинтензивно да се преведуваат за читателската публика во регионот поблиску да е запознаена со авторите од другите земји. Но, истото важи и за научниците-книжевници, кои честопати немаат доволно литература за своите истражувања. Ваков е впечатокот на учесниците на Меѓународната научна конференција за литература за деца која се одржа викендов во Тузла, Босна и Херцеговина.
На конференцијата свои трудови имаат и истражувачи од Струмица, Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева, кои говореа за поетските дела на писателите за деца Видое Подгорец и Киро Донев. Помладите научници од регионот велат дека малку имаат читано од овие автори и дека квалитетот и квантитетот на нивното дело заслужува подлабок и посериозен пристап и од регионалните истражувачи.
На конференцијата стана збор и за потребата од вмрежување на научниците и книжевниците, за поголеми и позначајни истражувања но и поголема афирмација на балканската литература за деца и возрасни.
Научната конференција се одржа во рамките на 19 фестивал за деца Поврзан мост кој го организира познатиот писател за деца Шимо Ешиќ.