• Sat. Nov 23rd, 2024

Дали ќе има рестриктивни мерки за Велигден?

Рестриктивните мерки истекуваат утре, а Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува дали тие ќе бидат продолжени и во текот на следната недела вклучувајќи ги и велигденските празници.

Главниот координативен штаб минатата недела соопшти дека ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.

Како што беше соопштено, тоа би вклучувало отворање на угостителските објекти за работа со гости во отворениот дел од угостителскиот објект. Понатаму, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден наместо од 20 часот, како што е во моментот. Ќе се разгледа можноста за организирање спортски тренинзи на отворен простор наместо во затворена спортска вежбалница/сала.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера истакна дека состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, а мерките дадоа резултати. Сепак, како што посочува министерот, искуството кај нас покажало дека таа многу бргу може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките.

„Пред нас се празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот“, порача Филипче.

Додаде дека од следната недела пристигаат поголеми количини вакцини и ќе бидат подигнати капацитетите за вакцинација на максимум.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *