• Fri. Nov 22nd, 2024

Да го зачуваме менталното здравје на нашите најмлади!

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

Во услови на актуелната пандемија, се соочуваме со промени во многу сфери од животот кои имаат неминовно влијание врз нашето и здравјето на нашите деца. Кога зборувам за здравјето, особено мислам на менталното здравје. Да се има добро ментално здравје значи да се чувствуваме добро во врска со себе. Да создаваме и одржуваме позитивни врски со семејството, пријателите, да умееме да се справуваме со своите емоции. Добро да се носиме со случувањата и настаните во животот. Тоа ни дава чувство на контрола, како и свесност за потреба од помош и поддршка, тогаш кога ни е потребна.

Меѓународна студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст од 11, 13, и 15 години (ХБСЦ, 2017 – 2018), спроведена во 25 земји во светот, покажува дека менталната добросостојба на адолесцентите во многу од земјите во светот опаѓа во периодот од 2014 до 2018 година, што навистина загрижува. Особено што во овие моменти се соочуваме со една специфична ситуација која секако има влијание врз менталното здравје на децата и адолесцентите и која може да остави трајни последици. Според истражувањето, најчестите симптоми кои се јавуваат кај младите се чувство на тага, раздразливост и нервоза. Еден од четири адолесценти изјавува дека најмалку еднаш неделно се чувствува нервозно, раздразливо или пак не може да заспие.

Фактори поврзани со КОВИД-19 кои влијат на менталното здравје кај младите

Ограниченото движење, препораките за одржување социјална дистанца, онлајн наставата како и промените во секојдневните обврски ја ставија на тест способноста на учениците за прилагодување во нова ситуација. Пандемијата пред се го зголеми чуството на страв, за себе и за блиските. Оттука произлегува и зголемувањето на анксиозноста и депресијата кај децата и адолесцените кои најпрво не можат да ја оставарат социјалната комуникациј. Таа им е најпотребна во овој период од животот, кога всушност се градат првите силни социјални врски.

Тука се и изобилството од информации кои без никаква селекција се објавуваат и влеваат уште поголем страв поради содржината.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на целата ситуација со пандемијата е исто така важен фактор кој може да влијае на емотивната состојба. Врз размислувањата и однесувањето на младите.

Што покажуваат истражувањата?

Истражувањата спроведени во земјите во светот за влијанието на пандемијата врз менталното здравје кај младите покажуваат зголемени симптоми на анксиозност и депресија. Потоа чувство на досада, немир, иритабилност, осаменост и загриженост. Во Кина, при спроведено истражување на 259 деца и 3254 адолесценти, 23,3,% од испитаниците покажуваат знаци на депресија. Тоа е за 13,2% повеќе од резултатите добиени на претходни истражувања пред пандемијата. Во Шпанија пак 85,7% од испитаните родители пријавиле промени во однесувањето и емоционалната состојба на нивните деца. Во истражувањето се проценува и влијанието на социјалната дистанца кај младите кое покажува дека ризикот од појава на депресија, во наредните 9 години, е зголемен.

Состојбата кај нас

За жал, конкретно истражување за влијанието на пандемијата врз менталното здравје на децата и адолесцентите во нашата земја се уште не е спроведено, се се сведува само на препораки, што ја покажува ниската свесност кај нас за важноста на менталното здравје. Но, од податоците на училишните психолози, се констатира слична состојба за менталното здравје на учениците и кај нас. Родителите кои бараат помош од училишните психолози најчесто ги наведуваат истите симптоми: досада, нервоза, апатичност, нетрпеливост, анксиозност, паничен страв, промени во однесувањето. Барањата за совет од страна на родителите се поголеми сега, за разлика од претходниот период пред пандемијата.

Што понатаму?

Воочувајќи ја потребата од активно учество на училишните психолози во процесот на превенција на менталното здравје на учениците, училишните психолози од државата во соработка со психолози од високото образование формираа работна група под име „Заедно ЗА ментално здравје“, во рамки на која изработија протоколи наменети за работата на училишните психолози.

Тие се одобрени од Министерството за образование и наука и содржат дефинирани насоки за работа со цел развивање свесност за важноста на менталното здравје, преку презентации, брошури и предавања, наменети за ученици, наставници и родители. Протоколите предвидуваат работа со сите чинители на образовниот процес. Активностите најчесто содржат информации за важноста на менталното здравје, фактори кои можат да предизвикаат нарушување, но и препораки и совети како за превенција така и за помош во случаи на нарушено ментално здравје. Групата континуирано работи и на дополнителни активности во оваа сфера, се со цел зголемување на свесноста за важноста на менталното здравје кај пошироката популација.

Препораките за превенција се различни, но еве дел од нив, применливи не само за младите, туку и за секој возрасен граѓанин.

Остани во контакт

Човекот е социјално битие, па потребата од социјални контакти е природна. Во овој период е многу важно да се остане во контакт со блиските, како со семејството, така и со пријателите од причини што во секој момент можеби некому му е потребна поддршка во справување со ситуацијата, бидејќи секој од нас различно реагира и се справува со кризни ситуации.

Биди активен. Физичката активност има особено влијание врз менталното здравје бидеќи при вежбање се лачат хормоните допамин, серотонин и ендорфин, одговорни за нивото на среќа и добро расположение, што е од особено значење во овој период. Затоа, пешачи, вози велосипед, пливај, планинари или пак трчај во најблискиот парк или на патека.

Понуди помош. Пружањето помош и поддршка на другите во едни вакви услови има позитивно влијание и врз нашето расположение, но и врз состојбата оние на кои им е потребна помош. Затоа понуди помош доколку увидиш дека некој има потреба од тоа.

Грижи се за своето ментално здравје. Одржувањето на добра ментална состојба се постигнува и преку вежбање јога, медитација… Во неколку истражувања кои ги објавува Американската психолошка асоцијација (APA), се покажало дека јогата го редуцира стресот и ослободува од анксиозност, појави кои често се јавуваат кај децата и адолесцентите за време на пандемијата.

Клучната улога на родителите

Од исклучителна важност е родителите да зборуваат со децата за важноста на одржување контакти со другарите, пријателите, роднините, преку различни начини на комуникација кои ќе придонесат за подобро расположение и поголемо задоволство кај сите.

Децата најчесто учат според модел, па така, доколку родителите се грижат за своето ментално здравје, на децата ќе им биде полесно да ги препознаат добрите навики и вредности.

Претерано користење на ИТ уреди

Да размислиме за непотребно потрошеното време користејќи ИТ уреди, бидејќи тие се вистински дистрактор во комуникацијата и слушањето на потребите на децата. Во ситуација како оваа, многу е важно родителите да бидат активни слушатели, со цел навремена реакција доколку се појават промени предизвикани од актуелната ситуација.

Човекот не е изолирана индивидуа, тој е социјално битие, функционира и е под влијание на заедницата. Токму менталното здравје е темел за добросостојбата на личноста, но и на заедницата воопшто. Доколку сакаме ментално здрава заедница, потребно е да се насочиме кон промоција на квалитетно родителство и свесност за важноста на менталното здравје, преку соодветните институции кои ќе нудат соодветна помош и поддршка на младите и родителите, преку училиштата во кои учениците ќе стекнуваат емоционални и социјални вештини, што е услов за здрави генерации, спремни да се соочат со предизвиците на иднината, каква и да е таа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *