• Sun. Nov 24th, 2024

Црквата, „родовата еднаквост“ и општествениот дијалог

ByDimitar Micev

Mar 23, 2023
Milan Gjorgevik

Црквата, „родовата еднаквост“ и општествениот дијалог е насловот на одговорот на реакцијата на Платформа за родова еднаквост по одржаната трибина „Зошто НЕ за ‘сексуално образование’ во училиштата“ од проф. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ, редовен професор на Православниот Богословски факултет „Св.Климент Охридски“ Скопје.

Црквата, „родовата еднаквост“ и општествениот дијалог

На страницата на здружението „Хера“ на 21.3.2023 беше објавен текст насловен како „Реакција: Црквата подалеку од женските права“. Текстот е потпишан од страна на т.н. „Платформа за родова еднаквост“ и се осврнува на трибината „Зошто НЕ за ’сексуалното образование‘ во училиштата“, организирана од фондација Елеуса и одржана во Струмица четири дена порано. Во спорниот текст, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија отворено е обвинета за „фундаментализам“, „шовинизам“, „ширење мизогинија“, „прогонување“, се етикетира како „опасна за целото општество“ итн. И покрај тоа што ваквите квалификации се наполно неосновани и самите претставуваат експлицитен говор на омраза, сепак би било општествено и пастирски неодговорно доколку не им го обрнеме должното внимание. Искуство на Црквата ни вели дека не постојат прашања кои не заслужуваат одговор и затоа ќе се осврнеме на наведеното во текстот во следните неколку точки:

Идејата за рамноправноста меѓу мажите и жените потекнува ни повеќе ни помалку од христијанството. Тука, таа не се изведува преку концептот за „родот“ (γένος), кој во класичната европска мисла има сосема поинакво значење, туку преку поимите „суштина“ (οὐσία) и природа (φύσις). Мажот и жената подеднакво ја споделуваат истата човечка суштина и природа и тоа ги прави рамноправни и рамнодостојни.
Наспроти постструктуралистичката тенденција кон фрагментирање на стварноста, вклучително и на идентитетската стварност, христијанската концепција за еднаквоста се темели врз идејата за реинтегрирање и обединување на човековото битие и на целиот создаден свет. Оттука, разликата во носечките поими со кои се користат двата дискурси, говорејќи на истата тема, имено рамноправноста меѓу мажите и жените.
Неспорни се заложбите на православната Црква за изградба на едно праведно општество, основано врз меѓусебна доверба меѓу сите добронамерни и конструктивни чинители во него – независно од разликите во светогледите и уверувањата. Обидите тоа да се оспори ќе претпочитаме да му ги припишеме на непознавањето на православната вера и идеолошки втемелените предрасуди кон неа.

Неосновано и нецивилизациски е да се настојува на изземање на Црквата од општествениот дијалог по кое било прашање. Секуларниот карактер на државата не може да биде извинување за маргинализацијата на Црквата во општеството кое ни е заедничко на сите. Наместо тоа, потребно е продлабочување на дијалогот, заемно запознавање и надминување на меѓусебната недоверба и стравовите.
Веројатно постојат прашања околу кои нема да се согласиме. Но, дали е тоа доволна причина за да настојуваме на обвинетите за „неистомислеништво“ да им се попречи пристапот до општествениот дијалог? Токму ваквото делување е „фундаменталистичко“, „загрижувачко и опасно за целото општество“ – секако, доколу говориме за демократско и цивилизирано општество.
Доколку некому не му е пријатно што обидите за наложување на родовиот концепт за градење на еднаквоста меѓу мажите и жените се идентификуваат како „идеолошки“ – тогаш нека обрне внимание на претходната точка. Потребата за „истуркување“ на сопствените визии за општеството без дијалог, компромис и по секоја цена, проследено со изолирање на неистомислениците, е типично за идеолошките секти.
Во речта на епископот Стобиски Јаков, како претставник на православната Црква на наведената трибина, се наведуваат низа ставови и аргументи. Симптоматично е што авторите на текстот не наоѓаат за потребно да понудат аргументиран одговор на ниту една од критиките упатени кон нив. Наместо тоа, сè што прават се сведува на обиди за дискредитирање на соговорникот и недвосмислен говор на омраза.
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија не е само активен учесник во општествениот живот во Македонија, туку таа е пресуден конститутивен и обединувачки фактор. Членови на Телото Христово се и мажите и жените, поради што учеството во општествениот дијалог околу овие прашања претставува нејзин пастирски императив.
Покрај родовата интерпретација на рамноправноста меѓу мажите и жените, пред нас стои уште еден предизвик – опасноста од општествена поделба по идеолошка линија. Крајностите на идеолошкиот либерализам и конзервативизам создаваат загрижувачка поларизација во земји кои вообичаено ги земаме како образец. Отворениот општествен дијалог е патот преку кој може да се застане на патот на поделбите.

проф. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ,

 редовен професор на Православниот Богословски факултет

„Св.Климент Охридски“ Скопје