Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од
претседателот Бранко Азески ги посети рудниците „Бучим“ и „Боров дол“, кои поради
енормниот пораст на цената на електричната енергија од 01 септември 2022 година
привремено прекинаа со процесот на производство.
На средбата со раководството на рудниците, Дмитриј Кудрјаков и Олег Чусовитин
управители на „Бучим” и заменик управителот на „Боров дол“ Мануел Виана се
разговараше за тековната состојба поврзана со енергетската криза и проблемите со
кои се соочуваат два рудника.
„Разговаравме за низа прашања коишто ги мачат, посебно во делот на цената на електричната енергија и инвестициите. Тие во последните три години инвестирале над 90 милиони евра. Во моментов се прави модернизација на производствениот процес во Бучим и изградба на фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар. Разговаравме темелно за сите отворени прашања, кои што во оваа криза можат да обезбедат предвидливост и во рамките на Македонската асоцијација за рударство, со усогласени ставови и работејќи на политики кои што ќе го одржат овој сектор. Сите предлози ќе ги пренесеме до надлежното министерство и до Владата“, истакна Азески.
На состанокот од страна на раководството на рудниците беше споделена загриженоста од кризната состојба со енергијата, при што беше нагласено дека државата има податоци за загубите на рудниците, но и за добивките што ги носат „Бучим“ и „Боров Дол“ кон државниот буџет и кое е значењето на рудниците за граѓаните и за државата.
„Ние не се откажуваме, инвестираме во два капитални проекти. Направено е максимално намалување на трошоците. Специфичната потрошувачка на електрична енергија е намалена за 13%, но сепак не можеме да работиме профитабилно и покрај сите наши напори и без поддршка од владините институции нема да успееме. Покрај цената на струјата зголемени се и останатите трошоци. Неопходни се заеднички сили, со цел да опстанеме и да продолжиме да придонесуваме кон социјалниот и економскиот развој на регионот и државата”, изјави Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим.