Британскиот сој е се позастапен. Дури половина од новозаразените со ковид-19 во Македонија имаат од британската мутација на вирусот. Ова го изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во интервју за телевизија Телма.
„Уште е рано да се опуштиме, бидејќи е детектирана британската мутација на вирусот. Сè поголем е процентот на анализирани материјали кои го содржат геномот на таа мутација“, вели министерот.
Филипче вели дека кога е детектирана британската мутација во јануари, процентот на новозаразени кои ја имале таа мутација на вирусот бил околу 20, а сега половина од новозаразените се со британскиот сој.
Британскиот сој се позастапен е и во многу други земји. Мутацијата на вирусот откриена во Британија е позаразна.
Денеска се започна со вакцинација во земјава против Ковид-19. Први се вакцинираа медицинските лица коишто изминатиот период се на првата борбена линија со вирусот.
Според британската Служба за национална статистика на симптомите на коронавирусот, кој најпрво беше откриен во Британија, малку се разликуваат од досега познатите. Почесто се појавуваат симптоми како кашлица, болки во грло, замор и болки во крајници. Загубата на сетилото за мирис и вкус- сметана за карактеристична за нормалната варијанта- е поретка.
Истражување, спроведено меѓу 6.000 случајно избрани Британци со позитивен тест на коронавирус, заклучува дека новата мутација до истиот степен ги предизвикала истите симптоми.