Британскиот Апелациски суд денеска ја промени пресудата на понискиот суд и ја отвори вратата за екстрадиција на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во САД.
Судот на тој начин ја прифати жалбата на САД, кои го товарат Асанж за неколку кривични дела, меѓу кои и обвинувања за шпионажа.
Окружниот суд на почетокот на годината го одби барањето на САД за екстрадиција на Асанж поради здравствени причини.
Против денешната пресуда на Апелацискиот суд, најверојатно, ќе биде поднесена жалба, проценува агенцијата АП.
Судијката на Окружниот суд, Ванеса Бертсер, претходно оваа година ја отфрли неговата екстрадиција наведувајќи дека Асанж, најверојатно, ќе се убие доколку биде држан во строги затворски услови во САД.
САД се пожалија оспорувајќи ја идејата дека менталното здравје на Асанж е премногу кревко, а адвокатот Џејмс Луис тогаш рече дека Асанж нема историја на сериозни и трајни ментални болести.
Американските власти ги информираа британските судии дека доколку се согласат да го екстрадираат Асанж, тој би можел да ја издржи затворската казна изречена во САД во својата родна Австралија.