Британската Национална здравствена служба почнува со реализација на најголемиот пробен тест на крвта во светот, чии резултати ќе се користат за откривање на повеќе од педесет видови на рак пред да се појават симптомите.
Тестот „Галери“, развиен од калифорниската компанија, „Граил“, ќе биде тестиран на 140.000 волонтери во Англија за да се утврди колку е успешен како дел од испитувањето. Тестирањето ќе се врши на луѓе на возраст од 50 до 79 години кои немаат никакви симптоми, а тие ќе имаат редовни тестови на крвта еднаш годишно во наредните три години.
Тестот „Галери“ ќе ја проучува ДНК-та во крвта за да утврди дали дел потекнува од клетките на ракот. ДНК од клетките на ракот е различна од ДНК од здравите клетки. Британската Национална здравствена служба се надева дека овој тест на крвта ќе биде особено корисен во идентификувањето на оние видови на рак кои во моментов се многу тешки за рано дијагностицирање и лекување, а познато е дека раната дијагноза на ракот резултира со значително зголемување на стапките на преживување.
Раното откривање, особено ако станува збор за тешко излечиви форми на рак, како што се ракот на јајниците и панкреасот, може да спаси многу животи.