Родум струмичани, од село Дабиље, музичко-поетскиот тандем, браќата Барбаровски, со децении се еден од најсилните и нареспектабилни создавачи на македонската новозодадена песна. Ѓорги Барбаровски испиша антологиски стихови, брат му Миле за нив компонираше музика. Заедно создадоа безвременски хитови што ги отпејаа некои од најдобрите „грла“ на македонската музичка сцена.
Некои песни биле напишани како стихови низ кои Ѓорги ги излевал своите родољубни чувства, ги преточувал во песна своите мисли и копнежи за Македонија, а подоцна, случајно или намерно станувале текстови за композициите на брат му Миле. Ѓорги е докажан писател и поет, текстописец, сценарист и новинар.
Брат му Миле, професионален музичар, иако дипломирал ударни инструменти на Факултетот за музичка уметност, несомнено повеќе го препознаваат како композитор на најголемите македонски хитови, отколку како тапанар. Тој ужива почит во музичките кругови, но, дали поради скромноста на двајцата браќа, или нивната наклонетост кон мирен живот далеку од скандалите и фанфарите, се има впечаток дека не го добиваат јавното признание што го заслужуваат.
Сепак, нивните имиња и нивните дела повторно заблескаа на сцената на Златната Бубамара на популарноста, а публиката и целата македонска јавност имаше можност во живо да слушне избор од отпеаните рефрени но и неколку изведби на нивните големи хитови.