Борбата против корупцијата декларативно е најголемата борба на македонското општество. Особено затоа што сите извештаи, анализи и истражувања, домашни и странски ја потврдуваат како болест којашто ги зафатила виталните органи на системот. За жал, и медиумите не се поштедени од неа. Тие најчесто се мета којашто намерно се „заразува“ за да може полесно да функционира корупцијата во останатите сфери. Но, колку и што се прави за да се излечиме од неа? И пред сѐ, дали тоа што се прави е доволно и правилно насочено? За корупцијата во медиумите се говори многу и долго. Толку долго што стана дел од медиумскиот фолклор, епитет што ги следи и медиумите како организации и новинарите и медиумските работници. За корупцијата во медиумите, сепак, недоволно се зборува од медиумите и од фелата. Она што секогаш се истакнува е дека притисокот за борбата против корупцијата треба да започне одвнатре. Дека не смее да се чека да се случи чудо кое сите ќе нѐ избави од непријатната бара во која се препелкаме. Затоа се потребни силна волја, решителност, подготвеност, но и заемна поддршка. Медиумите, оние што сѐ уште не се откажале од борбата за професионалност, достоинствена професија, оние што со сите сили се трудат да го зачуваат јавниот интерес, мораат многу поажурно и посамоуверено да настапат и да ги користат своите најсилни адути, зборот и јавниот простор за да зборуваат за корупцијата.
Корупцијата во македонските медиуми
Барање „реклама“ за необјавување некоја вест, или барање „награда“ за објавување на информација е една од најчесто користените коруптивни техники во новинарството и медиумите.
Плаќањето за информации не е маркетинг, туку класичен поткуп и го нарушува угледот на медиумот и професијата. Иако македонските медиуми честопати се обвинуваат дека се потплатени од различни центри на моќ и од различни групи на интерес, сепак ваквите тврдења остануваат на ниво на шпекулација, затоа што ниту еден случај досега не завршил на суд. Барем не како оној што пред речиси една деценија го имавме во соседна Србија, кога спортскиот новинар Анѓус беше обвинет од раководството на Црвена ѕвезда дека го уценувал тренерот Стојановиќ да му исплати 12.000 евра со изговор дека тој го довел на оваа позиција. Новинарот, самиот призна дека барал поткуп, па дури и образложил зошто има право на тие пари, за кои сметал дека се процент од договорот на тренерот, поради неговото влијание да ја добие работата. Во Македонија нема ваков пример кој се разрешувал низ судска постапка. Корупцијата главно се огледуваше низ скапите владини кампањи, низ рекламите во медиумите кои преку ноќ престанале да објавуваат за одреден криминал на некоја компанија за да продолжат со рекламирање на истата компанија и многу други случаи. Најверојатно безброј приказни останале необјавени и се „заборавиле“ во замена за некаква финасиска или материјална добивка. Целта е како медиумите да се поттикнат да го заштитат јавниот интерес и својот образ од ваквите коруптивни техники, да одолеат на предизвиците.
Антикопрупцијата во медиумите
Развојот на технологијата, новите платформи и еволуцијата на медиумите создадоа нови предизвици. Се појавија онлајн медиуми чиишто работни кодекси не почиваат на постулатите на новинарската етика. Со тоа се создадоа услови за лесно ширење на дезинформациите, неконтролирано продуцирање и дистрибуција на сензационалистички, лажни вести кои го загрозуваат и онака кревкиот имиџ на медиумите. Оттука, станува јасно дека професионалните медиуми мораат двојно посилно да работат на зацврстување на сопствениот интегритет. Да ги избегнуваат сите замки во кои можат да западнат поединечно новинарите или целиот тим на чело со уредникот. Медиумите не само што мора да работат на својата професионалност, тие треба да бидат и едуцирачи на публиката, да ги поттикнуваат граѓаните да инсистираат на квалитетни медиумски содржини. Во време кога светот за една деценија вторпат влегува во рецесија, се чини први на удар доаѓаат медиумите. Па затоа нивното опстанување е полно неизвесности, а инвестирањето и развојот нестабилно. Сега, токму новите платформи им овозможуваат на медиумите полесно, поевтино и побрзо да ги пласираат своите производи, поедноставно да ги завршат своите истражувања и да успеат да допрат до поширока публика. Затоа, важно е медиумите во предизвиците да ги гледаат и зајакнат своите предности, силните страни со цел да ги минимизираат негативните и недостатоците. Комуницирањето со публиката е исто така понепосредно, па и формирањето на продуктите може да се прави според потребите, вкусот и интересот на публиката. Најголем бенефит од тоа е што медиумите ќе ја добијат довербата од публиката, а треба да се мотивира и бизнис секторот да ги поддржува со тоа што ќе знае да препознае јавен интерес во реклама на професионален медиум. Борбата против корупцијата во медиумите не е ниту брз ниту едноставен процес. Но, ако поголем број медиуми одлучно се зафатат со чистење на своите редови, тогаш ќе се испрати силна порака до јавноста но и до центрите на моќ дека седмата сила уште е двигател на позитивните промени во општеството и креатор на јавното мислење.
Oвој новинарски текст/новинарска сторија е подготвен од авторот Сузана Мицева ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој новинарски текст/новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.