Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска имаше видео обраќање на годишната „ GDi Solutions Day“ конференција.
Во продолжение ви го пренесуваме неговото обраќање во целост.
„Жалам што денеска не можам да сум заедно со вас на оваа конференција. Но, благодарение на новото време, можам да ви се обратам и вака. Тие меѓу вас што ме познаваат, знаат за пасијата, која ја делам заедно со вас, за дигитализација и дата, кои кога добро се искористуваат имаат голема вредност и носат кон развој.
Среќен сум дека „GDi Solutions Day 2022“ е веќе традиционален настан каде што се претставуваат и дискутираат технолошки платформи, решенија и начини на унапредување на деловните процеси. Собирајќи значајна бројка на институции од државен и приватен сектор, оваа конференција дава можност за размена на искуства, знаење и дефинирање на добри пракси од национален интерес и за тоа ви честитам и ви благодарам.
Дигитализацијата е иднината на светот, токму затоа, пред една година го промовиравме Национален геопортал на просторни податоци, истиот има за цел зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до гео-просторните податоци до сите граѓани и стопанството. Со воспоставување на овој нов геопортал, со само еден клик, им овозможуваме на граѓаните, бизнисите како и на државните институции, да пристапат до мноштво гео-просторни податоци, со што значително се олеснува и забрзува секој процес.
Со еден клик на НИПП гео-порталот може да се дојде до бараната информација, може да се видат катастарските парцели, хидрографската мрежа, патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и други податоци.